Новости  

Одговорноста за живот – впишана во кодот на Хамураби (дел 1)



Животното осигурување е одлука за инвестирање во сопствениот живот, која не треба да се одложува. Но како почнало сè и како се развила свеста кај човекот дека треба да го осигура својот живот?

Мотивите и потребите на нашите осигуреници, како и нивните можности се многу разновидни, но она што првично се издвојува како суштинска потреба е желбата да обезбедиме сигурност и заштита за себе и за нашите семејства. Полисата за животно осигурување е финансиска заштита во случај на немил настан, за нас самите или за членовите на нашето семејство.

Почетоците на животното осигурување датираат уште од антиката, дури во вториот милениум пред нашата ера. Имено, првиот напишан закон на вавилонскиот крал Хамураби содржи делови кои се смета дека се однесувале на регулирање на одреден вид на животно осигурување.

Сепак, првите конкретни докази и елементи на животно осигурување се појавуваат во антички Рим, во вториот век пред нашата ера, во форма на т.н. солидарни клубови, каде што војниците уплаќале месечни или годишни премии, со цел доколку го загубат животот, трошоците за нивниот погреб да не паднат на товар на нивните семејства. Според верувањата на Римјаните, доколку немаат соодветен погреб, немало да имаат ни соодветен задгробен живот. Но, овие практики се губат со падот на Западното римско царство.

Животното осигурување повторно се појавува во средниот век, во форма на осигурување на трговците кои се занимавале со прекуморска трговија, a првата официјална полиса за животно осигурување била издадена во Лондон, во 1583 година. Сепак, сè уште не постоеле соодветни алатки за проценка на ризикот и многу од тогашните осигурители банкротирале.

Во 1693 година, британскиот астроном и математичар Едмунд Халеј (познат по Халеевата комета) прв почнал да користи статистички податоци за родени и починати лица при пресметка на доживотни ануитети, што подоцна довело до развивање на таблиците на смртност, како и до нивна примена во животното осигурување.

Набргу потоа се појавуваат и првите компании за животно осигурување, пред сè во Англија и во Соединетите Американски Држави. Со текот на времето се развиваат алатки кои ги користат статистичките податоци за раѓање и смртност и со помош на нив развиваат модели за проценка на ризикот во животното осигурување.

Од тогаш, па сè до денес, иако постојано се модернизира, користи сè пософистицирани модели на пресметка и сè понови технологии, суштината на животното осигурување е непроменета. Животното осигурување служи за да ги обезбеди лицата за кои корисникот на истото е одговорен, доколку нему му се случи да го загуби животот или не биде во можност да им пружи соодветна грижа.

Автор: Предраг Милошевски, Извршен Директор на ПРВА ЖИВОТ


2024 © prvazivot.mk   |   Powered by: Genera Development