Животното осигурување е одлука за инвестирање во сопствениот живот, која не треба да се одложува. Но како почнало сè и како се развила свеста кај човекот дека треба да го осигура својот живот?
Човекот низ историјата развивал разни начини за животно осигурување. Од времето на вавилонскиот крал Хамураби па сè до денес, животното осигурување се развивало, но неговата суштина останала истата. Животното осигурување служи за да ги обезбеди лицата за кои корисникот на истото е одговорен, доколку нему му се случи да го загуби животот или не биде во можност да им пружи соодветна грижа.
Што значи тоа? Ние како човечки суштества имаме три основни вградени инстинкти: за преживување, за создавање потомство и за социјализација. Токму последниве два инстинкти нè тераат да основаме семејство. Со самото тоа, ние создаваме нов живот, поточно деца кои до одредена возраст (законски 18 години, но суштински до 22-25) не се способни да се грижат сами за себе.
Дополнително, до одредена возраст на децата, еден од родителите најчесто е принуден дел од своето време, наместо да го користи за професионален развој, да го жртвува за да се грижи за децата. Тоа е особено најизразено во општествата во развој, како нашето, каде што системските решенија се далеку од она што треба да бидат за родителите да можат слободно да се фокусираат на професионалната кариера.
Сето ова доведува до најчести случаи каде што еден од родителите станува главен генератор на приходи. Со самото тоа, одговорноста кај него е најголема, а со тоа и ризикот доколку нему му се случи нешто непредвидено, било да се работи за губење на живот или заболување од тешка болест.
И во двата случаи, семејството или ќе биде лишено од поголем дел од приходите или ќе се соочи со непредвидени трошоци за лекување и третмани. Во најголемиот број случаи, со оглед на нашиот менталитет и свеста (се разбира, и можноста) за штедење, семејствата немаат акумулирано речиси никакви заштеди; напротив имаат сериозни финансиски обврски. Во таква ситуација, остатокот од семејството се соочува со сериозни проблеми, покрај душевната болка која им е нанесена.
Колку и да сме претпазливи, колку и да се грижиме за себе, постојат работи кои може да ни се случат без наша намера или желба. Секој од нас сака да верува дека ништо лошо нема да му се случи, ниту нему ниту на најблиските. Во нашиот менталитет, посебно е врежано и суеверието, па не сакаме да зборуваме на тема прерана смрт или болест, како ако не зборуваме за тоа, нема ни да се случи. Со сето тоа само стануваме понеодговорни кон оние за кои имаме и законска, а и морална одговорност. Тоа е нашето семејство, особено нашите деца, кои не одлучиле самите да се родат, туку ние сме ја донеле таа одлука, најмногу следејќи ги нашите инстинкти.
Сепак, иако сме дел од животинскиот свет, како луѓе сме развиле способност за рационално и за разумно расудување. А тоа значи дека треба да процениме дека сепак треба да се однесуваме одговорно. Да бидеме оптимисти дека сè ќе биде во ред и да живееме безгрижно, но и да ги обезбедиме најблиските доколку се случи нешто несакано, а со тешки последици. Ова не значи нарушување на животниот комфор и ускратување од значителен дел од тековните задоволства, туку значи одделување на минимален, симболичен дел од приходите, со што би се обезбедиле најблиските доколку нам ни се случи нешто од погоре наведеното.
Токму тоа е и мисијата на ПРВА Живот, да ја подигне свеста кај населението за одговорноста која ја има секој што има семејство, свеста за сопственото здравје и последиците доколку тоа се наруши. Сакаме животното осигурување да го приближиме до самата суштина на неговото постоење, до основата поради која и настанало. Исто така, цел ни е и да го направиме достапно за поширок круг на луѓе, со различна висина на примања.
Животно осигурување е нешто што секој одговорен треба да го има, додека во исто време се надеваме дека на никој нема да му се случи ништо!
Автор: Предраг Милошевски, Извршен Директор на ПРВА ЖИВОТ