Новости  

Денови на финансиска писменост: Како да донесуваме подобри одлуки за нашата финансиска иднина?



Relaxed Couple Managing Finances at Home Together

Финансиските одлуки се дел од нашето секојдневие. Од тоа колку ќе потрошиме овој месец, колку ќе издвоиме настрана, каде ќе ги вложиме средствата, до тоа како ќе се заштитиме од непредвидени ситуации.

Сепак, финансиската сигурност не се создава само со поголем приход. Подеднакво важно е да знаеме како да управуваме со средствата што ги имаме, како да ги планираме идните потреби и како да ги намалиме финансиските последици од ризиците што не можеме да ги предвидиме.

Тука доаѓа прашањето колку добро ги разбираме основните финансиски поими и концепти.

 

Што значи финансиска писменост?

Финансиската писменост подразбира способност да ги разбираме основните финансиски концепти и да носиме информирани одлуки за приходите, трошоците, штедењето, инвестирањето, задолжувањето и финансиската заштита.

Тоа не значи дека секој треба да биде финансиски експерт.

Напротив, основната финансиска писменост започнува со неколку едноставни прашања:

  • Колку заработувам и каде ми одат парите?
  • Колку можам реално да издвојувам секој месец?
  • Дали имам финансиска резерва?
  • Кои се моите краткорочни и долгорочни финансиски цели?
  • Каков ризик сум подготвен да преземам?
  • Што би се случило со моите финансии доколку ненадејно останам без приход?
  • Дали имам финансиска заштита за ризиците кои можат сериозно да влијаат врз мене и моето семејство?

Одговорите на овие прашања се основа за создавање личен финансиски план.

 

Штедење, инвестирање и осигурување – која е разликата?

Штедењето, инвестирањето и осигурувањето често се поврзуваат со финансиската сигурност, но тие имаат различни цели и функции.

Разбирањето на оваа разлика е важно затоа што не можеме да очекуваме една финансиска алатка да ги исполни сите наши потреби.

 

Што е штедење?

Штедењето е процес на издвојување дел од приходот со цел создавање средства за идни потреби, финансиска резерва или конкретна цел.

Главната карактеристика на штедењето е постепено акумулирање средства кои можеме да ги користиме во иднина.

На пример, ако лице со месечен приход од 60.000 денари издвојува 6.000 денари месечно, за една година би акумулирало 72.000 денари, пред да се земат предвид евентуалните камати или други услови поврзани со начинот на штедење.

Овие средства можат да бидат наменети за различни цели – од непланирани трошоци и поправка на автомобил, до патување, образование или поголема набавка.

Затоа, една од основните цели на штедењето е создавање финансиска резерва и поголема флексибилност во управувањето со личниот буџет во секојдневието.

 

Што е инвестирање?

Инвестирањето подразбира вложување средства во одредени финансиски инструменти со очекување дека со текот на времето нивната вредност или принос ќе се зголеми.

За разлика од штедењето каде што можеме да располагаме со целата вредност на заштедената сума, кај инвестирањето постои инвестициски ризик. Вредноста на инвестираната сума може да се зголеми, но може и да се намали.

На пример, лице може секој месец да издвојува 6.000 денари и наместо само да ги чува како заштеда, може да ги вложува преку инвестициски фонд. Доколку вредноста на средствата во фондот се зголеми, може да се зголеми и вредноста на вложувањето. Но, доколку пазарните услови се неповолни, вредноста на вложената сума може и да се намали.

Затоа, пред инвестирање е важно да се разберат:

  • целта на инвестицијата;
  • временската рамка за вложувањата;
  • видот на финансискиот инструмент во кој вложуваме;
  • потенцијалната стапка на принос;
  • степенот на ризик;
  • условите и трошоците поврзани со инвестицијата.

Инвестирањето најчесто има поголема смисла кога се гледа како долгорочна финансиска стратегија, а не како начин за брза заработка.

 

Што е осигурување?

Осигурувањето има поинаква функција.

Неговата основна цел е финансиска заштита од последиците на однапред дефинирани ризици и осигурени настани.

Со плаќањето на осигурителната премија, осигуреникот добива одредено осигурително покритие согласно договорот и условите на полисата. Доколку настане покриен осигурен настан, осигурителната компанија исплаќа надомест или осигурена сума согласно договорените услови.

Кај животното осигурување, на пример, покритието може да обезбеди финансиска поддршка за корисниците на осигурувањето во случај на природна смрт или смрт како последица на несреќен случај.

Зошто ова е важно?

Замислете лице кое има месечен приход од 90.000 денари, кредит за дом и семејство кое во значителен дел зависи од неговиот приход.

Доколку тој приход ненадејно исчезне, финансиските последици не се ограничени само на изгубената плата. Семејството и понатаму има трошоци за домување, храна, образование, кредити и други секојдневни потреби.

Во таква ситуација, соодветното животно осигурување може да биде дел од финансискиот план за заштита на семејството од финансиските последици од ненадејна загуба и губење на приход.

 

Дали можеме да се осигуриме и да инвестираме истовремено?

Постои и форма на животно осигурување која, покрај осигурителната компонента, вклучува и вложување во инвестициски фондови. Кај овој тип производ, дел од средствата се вложуваат во избрани инвестициски фондови, а вредноста на инвестициониот дел од полисата е поврзана со вредноста на уделите во фондот.

На овој начин, животното осигурување и инвестирањето се комбинираат во еден финансиски производ. Сепак, важно е да се има предвид дека ваквото осигурување носи инвестициски ризик. Вредноста на инвестицискиот дел може да се менува во зависност од движењето на пазарот и вредноста избраниот фонд.

Затоа, пред донесување одлука, важно е да се разберат карактеристиките, трошоците, ризиците и условите на конкретниот производ.

 

Како може да се заштитиме и од здравствените ризици?

Финансиското планирање не се однесува само на создавање заштеда или инвестирање средства. Важен дел од него е и планирањето на начини за заштита од финансиските последици што можат да произлезат од здравствени ризици.

Покрај задолжителното здравствено осигурување, приватното здравствено осигурување може да биде дополнителна форма на финансиска заштита, овозможувајќи пристап до дополнителни здравствени услуги и покритија, согласно условите на избраниот пакет или полиса.

Слична улога може да има и осигурувањето од тешка дијагноза. Тоа е форма на финансиска заштита која е наменета да обезбеди средства во случај на дијагностицирање на покриена тешка болест, согласно условите на полисата.

Приватното здравствено осигурување и осигурувањето од тешка дијагноза имаат различна намена, но и двете можат да бидат дел од поширок план за финансиска сигурност. Во зависност од личната финансиска ситуација, потребите и ризиците, тие можат да се комбинираат со штедење, инвестирање и животно осигурување за да се создаде посеопфатен пристап кон финансиската заштита.

 

Зошто е важно да размислуваме и за непредвиденото?

Кога планираме финансиски, природно е да размислуваме за тоа што сакаме да постигнеме.

  • Сакаме да купиме дом.
  • Да обезбедиме образование за децата
  • Да патуваме.
  • Да обезбедиме средства за пензија.

Но финансиското планирање има и друга страна – управување со ризикот.

  • Што ако подолго време не можеме да работиме?
  • Што ако се соочиме со сериозна здравствена состојба?
  • Што ако семејството ненадејно остане без еден од своите приходи?

Не можеме да ги предвидиме сите животни ситуации. Но можеме однапред да размислиме за нивните потенцијални финансиски последици.
Токму тука разбирањето на различните опции и финансиски инструменти кои ни се нудат различните може да ни помогне да донесеме одлуки кои се усогласени со нашите реални потреби и планови.

 

Не постои универзален финансиски план кој одговара на сите.

Она што е соодветно за млад човек кој штотуку започнува кариера може да биде сосема различно од потребите на семејство со деца, лице со кредит или некој кој се подготвува за пензија.

Затоа, одговорното финансиско планирање започнува со разбирање на сопствената ситуација: колку имаме, колку трошиме, колку можеме да издвоиме настрана и од кои ризици сакаме да се заштитиме.

Одговорното финансиско планирање значи да разбереме како нашите финансиски одлуки влијаат врз нашата сегашност, иднина и сигурноста на луѓето кои ни се важни.

Овој текст е споделен во поддршка на традиционалната кампања за финансиска едукација – Денови на финансиска писменост, спроведена од страна на АГЕНЦИЈА ЗА СУПЕРВИЗИЈА НА ОСИГУРУВАЊЕ.

2026 © prvazivot.mk   |   Powered by: Genera Development